Некои луѓе кои имаат цистична фиброза се познати личности од сферата на културата, уметноста, спортот, а други станале познати поради нивната борба против болеста.

Грегори Лемаршал

Грегори Лемаршал бил француски пејач и победник на четвртата серија на реалното шоу „Star Academy“, кој почина на 23-годишна возраст од цистична фиброза во 2007 година. За време на неговиот живот, Лемаршал станал познат не само по неговата музика, туку и како застапник за ширење на свеста за болеста. Тој станал шампион на Франција на акробатски рок во 1995 година, но неговата кариера се зголеми дури по шоуто. После тоа, тој изведувал дуети со познати пејачи како Јаник Ноа, Мишел Сарду, Патрик Бруел и Луси Силвас, а во јануари 2006 година ја освоил наградата за пробив на млад уметник на годината на „NRJ Music Awards“. Лемаршал имал едвај две години кога му била дијагностицирана цистична фиброза и починал во париската болница чекајќи трансплантација на бели дробови.

По неговата смрт, било создадено Здружението Грегори Лемаршал во негова чест, за да им помогне на другите кои се борат со цистичната фиброза.

„Кратко пред да не напушти, до крај со луда надеж дека тоа може да се случи трансплантација на бели дробови која може да го спаси, Грегори ја изрази својата јасна желба повеќе да не молчи: -Не можам повеќе да молчам. Откако ќе имам трансплантација, нема повеќе да молчам. - наведуваат од здружението. „Затоа денес продолжуваме преку здружението кое го носи неговото име, ја симболизира неговата борба и онаа на сите оние кои боледуваат од цистична фиброза бидејќи заедно и само заедно можеме што побрзо да ја постигнеме целта што си ја поставивме со Грегори: „Победа во борбата, за никогаш повеќе ЦФ да не оддалечи од оние што ги сакаме“.

Фредерик Шопен

Не е целосно познато дали познатиот полски композитор Фредерик Шопен,  навистина боледувал од цистична фиброза или се работи само за гласини. Меѓутоа, многу истражувачи веруваат дека Шопен, кој живеел помеѓу 1810 и 1849 година, страдал од недијагностицирана цистична фиброза.

„Од смртта на Шопен пред 140 години, никој сериозно не ја доведе во прашање теоријата дека тој починал од туберкулоза, и покрај сознанието дека многу од лекарите кои ја лекувале неговата болест сметале дека туберкулозата не е причина за неговата хронична респираторна болест, која траела најмалку 24 години“, велат авторите на студијата „Дали болеста на Фредерик Шопен всушност била цистична фиброза?“

Тој бил висок 170 цм, и тежел помалку од 45 кг. во текот на неговиот живот. Бил забележливо изнемоштен и имал изразено слабеење после респираторните инфекции. Неговата можност за вежбање била далеку под онаа на неговите врсници во текот на неговиот живот. Имал изнемоштувачка хронична кашлица, која често била продуктивна и најлоша наутро. Оваа кашлица посебно била нагласена од неговата 15-годишна возраст и траела се до неговата смрт на 39-годишна возраст од откажување на срцевиот мускул (абнормално зголемување на десната страна на срцето како резултат на болест на белите дробови или белодробните крвни садови). Шопен претрпел повеќе акутни, тешки респираторни инфекции на горни и долни дишни патишта кои најчесто се влошувале во зима. По 18-тата година почнал да има и хемоптизи (искашлување крв). Аутопсијата на Шопен открила кардиомегалија (зголемување на срцето) и промени во неговите бели дробови кои не биле во согласност со туберкулозата. Овие карактеристики сугерирале дека можеби цистична фиброза била причина за неговото лошо здравје и смрт. Сестрата на Шопен, Емили, починала на 14 годишна возраст, исто така веројатно од цистична фиброза.

Ендри Симонс

Британски професионален борач кој има цистична фиброза. Ендри е роден 21 Мај 1984 година. Својата професионална борачка кариера ја започнал во 2000-та година. Комбинацијата на професијата и состојбата, изгледа необична, но тоа не го спречило да биде професионалец и да освојува многу титули во неговата дисциплина. Ендри борбата со цистична фиброза ја започнал уште од детството, па дури размислулав да се пензионира поради здравствени проблеми, но тоа не го направил.

Во 2006 година, тој во статија ги споделил своите здравствени проблеми низ кои минувал.

“Дали навистина сето тоа вреди? Ова е тоа што се прашував себеси во изминатите 4 недели.” – напишал Ендри после натпревар во Италија откако му бил скршен глуждот. „Го пишувам ова главно затоа што сè уште не сум сигурен дали ќе се вратам во борењето, направив речиси сè што би сакал да направам во борењето, плус многу повеќе. Кога првпат почнав да тренирам, никогаш не помислив дека ќе се борам за WWE во Вембли Арена, ќе се борам со најдобрите британски борачи и што е најважно ќе стекнам некои навистина големи пријатели“.

Ендри ја надминал и оваа препрека и продолжил да биде активен во борењето.

Боб Фланаган

Бил аметикански писател, поет, роден во 1952 година. Боб ја користел својата болка и борба со цистична фиброза како предмет за својата работа. Неговите садо-мазо настапи биле засновани на неговата борба против болеста, иако тој во тоа време бил еден од најдолговечните преживеани со цистична фиброза. Тој починал во 1996 година, на 43 годишна возраст, 17 години по смртта на неговата постара сестра која на 21 годишна возраст починала од цистична фиброза.

Боб има објавено 5 книги. Неговата прва книга е со наслов „Детето е маж“ и е објавена во 1978 година. Тој исто така бил протагонист на документарниот филм „Болен: Животот и смртта на Боб Фланаган, супермазохист“ режисиран од Кирби Дик во 1997 година.

Едно од неговите најпознати мота било „борба против болеста е со болест“. Тој бил познат по истражување на сексуалните табуа во својата работа и бил отворен во својата садо-мазо врска со сопругата Шери Роуз.

Во видеото од 1985 со наслов „Зошто?“, тој на истото прашање одговорил: „Затоа што се чуствувам добро. Затоа што ми дава ерекција. Затоа што сум болен, затоа што има многу болести. Затоа што бев многу сам. Затоа што бев поинаков. Затоа што децата ме тепаа на пат кон училиште.“.

Донирај

ден