Марио Нелоски и 18-годишно момче, кое на прв поглед е како и своите врсници. Матурант е во средното училиште „Нико Нестор“ во Струга, каде посветено ги врши училишните обврски, се дружи со пријателите, а паралелно тренира џудо – спорт во кој е седукратен државен првак.

Но, она по што Марио се разликува од своите врсници е тоа што веќе 18 години се бори со цистичната фиброза. Како што ни откри, оваа болест му била дијагностицирана два месеци по раѓањето.

Дека е голем борец, најдобро докажуваат неговите успеси во светот на џудото. Матурантот ни раскажа кога започнал да се занимава со овој спорт и што претставува џудото за него.

„Мојата приказна со џудото започна на 7-годишна возраст, кога за првпат моите другари од училиште, со кои го завршив основното образованое, ми кажаа „Марио, дали сакаш да идеш на џудо?“. Јас се согласив и отидов на првиот тренинг, каде што се вљубив во спортот и до ден денес имам врвни резултати. Џодото е е спортот од моите соништа.“

Иако е толку успешен, сепак поради сѐ она што овој спорт бара, болеста не му дозволува да ги покаже своите најдобри вештини.

„Болеста која ја имам ме попречува да стигнам до моите врвни резултати, тешко е многу на физички план, каде со нашата болест сме уназадени да бидеме и да функционираме без проблем. Овој спорт бара ментална, физичка и здраствена состојба која на некој начин ние ја немаме.“ – ни посочи Марио, а потоа ни откри за кој натпреавар најмногу жали што не се појавил:

„Се подготвував за натпревар кој што бесе во Босна и Херцеговина и кој што е рангиран во топ 5 во Европа од страна на EJU, но поради мојата здраствена состојба бев хоспитализиран и не успеав да се појавам.“

Иако лекот трикафта е донесен во нашата земја, Марио е уште на листата на чекање и уште не почнал да го користи. За тоа колку овој лек му е голема важност, ни раскажа самиот.

„Мене како спортист ми е од многу големо значење лекот. Овој спорт бара премногу кондициона подготвеност за да можам да редам поголеми успеси, добрата страна на овој лек е тоа што ќе ја намали мојата потреба од хоспитализација, и на некој начин ќе бидеме функционални како останатите луѓе.“

Најголема гордост, кога е овој спорт во прашање не му се медатали, туку тоа што е дел од најдобрите џудисти во Македонија, а за сето ова најголема поддршка му е неговото семејството.

Како што веќе кажавме, Марио оваа година е матурант, а сѐ уште нема размислувано во која насока ќе го продолжи своето образование, едноставно решен е целосно да му посвети на спортот.

За крај, младиот и успешен спортист, но и борец ни откри каде се гледа за 10 години.

„За 10 години се гледам како голем борец кој што успеал да ги помине сите негови препреки со оваа болест, но и како спортист со многу големи успеси.“

Автор: И. Мисајловска

Преземено: hashtag.mk

Донирај

ден