Додека пациентите со цистична фиброза најавуваат масовни протести за в сабота, надлежните велат дека комплицирана е постапката да се набави современиот лек „Трикафта“ кој тие го бараат.

Една недела надлежните прават пресметки и анализи за тоа за колку пациенти треба да се набави лекот за цистична фиброза „Трикафта“ и од каде да се најдат пари бидејќи со буџетите на Клиниките не се предвидени финансии за оваа намена. Премиерот Димитар Ковачевски појаснува дека се бараат начини за да се купи лекот, а не се исклучува можноста да бидат потребни и измени на закони со цел да може да се дојде до него со дирекни преговори со производителот за да не се плаќа цена од 25.000 евра месечно за еден пациент.

”Ако треба да се направат и законски измени, бидејќи има случаи со држави кои не одат на јавно наддавање за такви лекови, туку одат на дирекна спогодба, согласно закон, со производителите на иновативен патентиран лек. На таков начин добиваат неколку пати пониски цени. Бидејќи, ние ако набавуваме треба да одиме преку трговци, а тие на највисоката цена на лекот ќе додадат и маржа, па на крајот се добива исклучително висока цена на одреден лек. Затоа работат веќе Клиниките и Министерството.“ вели – Димитар Ковачевски – Претседател на Влада.

Додека надлежните ја објаснуваат комплицираноста на евентуалната набавка, бидејќи претходно не била планирана, пациентите немаат намера да го намалат притисокот и за в сабота на пладне најавуваат масовен протест пред владината зграда.

Според здравствените власти лекот „Трикафта“ кој согласно регистарот бил наменет само за осум пациенти, сепак им е потребен на 65 луѓе, а за годишната терапија за сите нив потребни се околу 20 милиони евра.

Автор: Сања Трајковска Ставров

Преземено: kanal5.com.mk

Донирај

ден