„Не сакаме институциите да нѐ гледаат само како бројка која протестира против нив или има нешто лично против нив. Во ситуација сме кога само сакаме да ги спасиме нашите најблиски!“

Пациентите со цистична фиброза денеска повторно излегоа на протест пред Владата, со апел државата да им го обезбеди потребниот лек, за да можат да живеат нормално. Иако вчера министерот за здравство, Беким Сали рече дека ќе почнат процедура за набавка на лекот, овие пациенти бараат ветувањата да бидат испишани и на хартија.

Лекот кој се бара е лек кој значително го зголемува квалитетот на животот на лицата со цистична фиброза, изјави актерот Елмир Сејфулаи, апелирајќи истиот да биде обезбеден за сите пациенти.

„Секако дека психолошкиот и емотивниот револт го достигнува врвот. Очајот е многу голем и сигурен сум дека некој од нас честопати се чувствувал проколнат затоа што се родил во држава која има ваков пристап кон нашите животи. Вчера се појави мала точка светлина на крајот од тунелот, но сепак решивме денеска да дојдеме тука за да им пренесеме порака на оние што ги избравме да седат во фотелјите во оваа зграда зад нас – дека и покрај првичните напори нема да престанеме да го бараме лекот сѐ додека не го добие и последниот пациент“, вели Елмир Сејфулаи.

Во земјава има околу 130 пациенти со дијагностицирана фиброза, но во моментов само осум од нив кои се во потешка здравствена состојба ќе ја добијат потребната терапија. Ресорниот  министер, Сали уверува дека прават напори до крајот на годинава да го набават лекот за уште 30 пациенти.

Автор: Сара Кајоли

Преземено: mk.tv21.tv

Донирај

ден